Знаењето и искуството на вработените се меѓу највредните ресурси на Бучим. Нивната вредност не се огледа само во секојдневното унапредување на работните процеси, туку и во споделувањето сознанија и добри практики со пошироката рударска заедница.
Тоа се потврди и на XVII стручно советување со меѓународно учество ПОДЕКС–ПОВЕКС 2026, кое се одржа на 30 и 31 октомври во Охрид. Со пет трудови од различни области на рударското работење, вработените во Бучим придонесоа кон размената на искуства меѓу индустријата и академската заедница.
Трудовите опфатија теми од дигитализацијата и оптимизацијата на рударските процеси до ефикасноста на опремата, флотациската технологија и заштитата на животната средина:
– „Дигитализација на рударството и концептот ‚Smart Mining‘: можности, ограничувања и перспективи за примена во Северна Македонија“ – Наталија Угрева Тасева, Горанче Грозданоски и Костадин Ѓорѓиев;
– „Оптимизација на дупчечко-минерските работи со примена на софтверот O-PitBlast: компаративна анализа на мински серии во Боров Дол и Бучим“ – Горан Јованов и Пепи Мицев;
-„Анализа на работните перформанси, одржувањето и експлоатациониот век на дамперските гуми во рудникот Боров Дол“ – Горан Сарафимов, Драган Димитровски и Марјан Томов;
-„Влијание на pH на флотацискиот медиум врз селективноста на флотацијата при присуство на глинести минерали – минералошко-технолошка и индустриска анализа“ – Милена Дановска, Наталија Угрева Тасева и Игорче Трајанов;
-„Квалитет на воздух во близина на рудник за бакар Бучим – површински коп Боров Дол“ – Марина Санева.
Со овие трудови, искуствата од работењето на Бучим добиваат пошироко значење и отвораат простор за размена на решенија и пристапи кон побезбедно, поефикасно и поодговорно рударство.
Советувањето ги обедини претставниците на индустријата, науката и институциите во дијалог за одговорното управување со минералните ресурси, заштитата на животната средина, критичните минерали и примената на современите технологии. На настанот беше промовиран и првиот број на „МИНЕРАЛ МК“, новото специјализирано списание посветено на рударската индустрија во Македонија.
За Бучим, поддршката на професионалниот развој и ангажманот на вработените е дел од долгорочната посветеност на знаењето, иновациите и континуираното подобрување.
Знаењето создава вредност кога се применува, а неговото влијание расте кога се споделува.
