Бучим со иницијативата „Шарени вкусови, еднакви можности“ – чекор кон поинклузивна заедница

октомври 20, 2026

Инклузијата добива вистинско значење кога секој има можност активно да учествува, да стекнува нови искуства и да биде рамноправен дел од заедницата.  Водејќи се од оваа определба, Бучим по повод Светскиот ден на храната, 16 октомври, ја реализираше иницијативата „Шарени вкусови, еднакви можности“, посветена на еднаквиот пристап, здравите животни навики и социјалната вклученост.

Во рамките на иницијативата, десет корисници на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака“и десет придружници учествуваа во едукативна и практична активност организирана во просториите на локалниот производител „Сушен зеленчук и овошје“ – Фамилија Младеновски.

Учесниците имаа можност да се запознаат со процесот на сушење овошје и зеленчук, активно да учествуваат во подготовката на заеднички оброк, да ги дегустираат подготвените производи и преку разговор и дружење да разменат искуства.

Активноста беше осмислена така што корисниците не беа само посетители, туку активни учесници. Преку непосредно вклучување во практичните задачи, тие ги покажаа своите вештини, научија нешто ново и ја зајакнаа самодовербата во средина на соработка и прифаќање.

„Нашата цел е инклузијата да ја преточиме во конкретни можности за учество. Веруваме дека секој има потенцијал што заслужува да биде препознаен, охрабрен и поддржан. Со ваквите иницијативи сакаме да придонесеме кон надминување на бариерите за социјална вклученост и создавање средина во која секој поединец се чувствува прифатен, вреднуван и рамноправен. За Бучим, грижата за заедницата значи и создавање можности за луѓето активно да учествуваат во неа“, изјави Кристина Крстева, директор за одржлив развој во Бучим.

Проектот е дел од заложбите на Бучим за општествена одговорност што се темели на почитување на човековото достоинство, еднаквите можности и поддршката на ранливите категории граѓани. Преку активности што поттикнуваат активно учество и меѓусебно поврзување, компанијата настојува да придонесува кон создавање поинклузивна и посолидарна локална заедница.

Затоа што вистинската инклузија не значи само да бидеш присутен, туку да имаш можност да учествуваш, да придонесуваш и да припаѓаш.