Нови улици, уредени локални патишта и речни корита се дел од инфраструктурните зафати реализирани во Општина Радовиш со придонес на рудникот за бакар Бучим. Во 2026 година, компанијата ја продолжува оваа соработка со нова донација од 10.000 м³ дробен камен – тампон.
Иницијативата започна во јуни 2022 година, со склучувањето на првиот договор за донација во иста количина. Оттогаш, со донираниот материјал се завршени девет проекти во вкупна должина од близу 7,5 километри, додека три дополнителни зафати, во должина од околу 2,3 километри, се во тек.
Меѓу завршените проекти се пробивањето улици во повеќе урбани блокови во Радовиш, уредувањето на кејските улици од двете страни на Радовишка Река, санацијата на локалниот пат од Калугерица до манастирот „Рождество Христово“, подобрувањето на патната мрежа во Ињево, како и првата фаза од уредувањето на Ораовичка Река.
Со склучувањето на новиот договор, вкупната договорена количина на дробен камен – тампон од 2022 година достигнува 20.000 м³.
Новата донација е наменета за пет тековни и планирани проекти во периодот 2026–2027 година, со вкупен опфат од над 9,5 километри. Предвидените активности ги вклучуваат втората и третата фаза од уредувањето на Ораовичка Река, вклучително и брана, уредување на улица и речно корито во село Воиславци, подобрување на патната инфраструктура на потегот Обиколница – црква Маневец – село Подареш, како и зафати на земјени патишта во должина од седум километри.
„За нас, вредноста на една донација се мери преку постигнатите резултати и придобивките што ги носи. Особено нè радува што соработката започната во 2022 година денес има видливи резултати. Како компанија која со децении работи во овој регион, сметаме дека е важно нашиот придонес да биде континуиран, добро насочен и да одговара на реалните потреби на средината во која работиме. Со таков пристап ги планираме и нашите идни активности“, – истакна Александар Раков, генерален директор на рудникот за бакар Бучим.
Унапредувањето на локалната инфраструктура е една од областите опфатени со програмата за општествена одговорност на Бучим. Преку вложувања во проекти од долгорочно значење, компанијата придонесува за подобра пристапност, поврзаност на населените места и подобрување на условите за живот во регионот.